Понекогаш се случува да ни остане леб кој не сме го изеле, а веќе му поминал рокот и е сув и не е вкусен за јадење. На многу од нас ни е жал да го фрламе лебот, најчесто поради симболиката која тој ја има или едноставно затоа што не практикуваме фрлање на храна. Некои од нас лебот го сметаат за нешто свето и никогаш не го фрлаат.
Кои и да се вашите верувања и навики, овој пост е со цел да ви даде неколку идеи како да го искористите останатиот стар леб, а при тоа да не го фрлате-доколку нели не го дадете на милениците или врапчињата 😊
Идеја #1: Испржете или испечете лепчиња
Стариот леб е секогаш идеален за пржени лепчиња! Овој едноставно, но обожувано јадење, особено од децата е секогаш повкусно кога се прави со стаб леб. Изматете јајца, млеко и малку сол и потопете ја кришката леб во смесата. Откако убаво ќе упие може да ја испржите на тавче со загреано масло или да ја испечете во рерна на хартија за печење.
Пржените лепчиња се секогаш добра идеја 😊
Идеја #2: Направете пица
Кој вика дека за да направите пица ви е потребно посебно тесто? Повремено, кога тесто за пица не ви се наоѓа, а лебот веќе неколку дена стои неизеден зашто да не го искористите токму него да приготвите една вкусна и интересна пица?!
Наредете ги кришките со леб во подлабок сад на кој претходно сте ставиле хартија за печење. Од горе полијте го лебот со матени јајца и млеко, малку сол и бибер по вкус. Лебот убаво ке впие од смесата и ќе омекне. Од горе наредете се што вообичаено редите на вашата омилена пица. Оставете да се пече 30тина минути и добивате вкусна домашна пица од стар леб!
Идеално за појадок или вечера и превкусно со секој вид на леб!
Идеја #3: Направете домашни кубети
Уште една креативна идеја со која може да го искористите останатиот леб е да го претворите во крцкави кубети! Процесот е лесен и едноставен, а резултатот превкусен.
Се што треба да направите е да го исецкате стариот леб на коцки со големина по ваша желба. Намачкајте ги коцките со малку маслиново масло,(овој чекор може и да се изостави) зачинете со сол и осанати зачини во ваш избор-рузмарин, босилек, оригано, кари, куркума, црвен пипер...
Ставете го на плех на кој претходно сте ставиле хартија зе печење и во загреана рерна печете 15тина минути.
Лесно и брзо до крцкава занимација за целото семејство!
Идеја #4: Направете домашна презла
Сте пробале ли некогаш да си направите домашна презла? Секако за ова ќе ви треба поголема количина на леб, но не е на одмет и да почекате малку време додека соберете поголема количина на остатоци од леб за да добиете поголема количина на презла.
А како да направите презла? Многу едноставно! Наредете ги остатоците од стариот леб на хартија за печење, ставете ги во загреана рерна и печете околу 40тина минути со вентилатор на температура од 180° односно додека лебот не потемне, но не и да изгоре. За да не изгоре, битно е сите парчиња леб да ви бидат со приближно иста големина.
Откако ќе го извадите, оставете го да се олади, сомелете го во машина за кафе или процесор за храна. Соберете ја презлата во херметички затворен сад или кесички со зип затварање.
Имајте на ум дека домашната презла ќе има малку пократок рок на траење од онаа која ја купувате. Затоа треба да биде чувана во соодветни услови со цел да и се продолжи рокот на траење.
Идеја #5: Пригответе Англиски пудинг
Кога помислуваме на пудинг, најчесто мислиме на оној инстант пудинг каде што само ја истураме кесичката во топло млеко и добиваме совршена густа смеса. А зашто да не пробате еден поразличен вид на пудинг и тоа со остатоците од стариот леб?!
Потребни ви се:
- 6 кришки стар леб (препорачливо е да биде бел)
- 2 супени лажици путер (може да се замени и со кокосово масло)
- 4 јајца
- 250мл млеко
- 150гр. шеќер
- 1 лажичка цимет
- 1 лажичка ванила
- Суво грозје или брусница по желба (ова може и да се изостави)
Начин на подготовка:
Лебот исечете го на коцки и наредете го во сад за печење кој претходно сте го намачкале со масло или путер. Врз него полијте го растопениот путер или масло и убаво промешајте за секое парче да биде опфатено. Доколку ставате суво грозје или брусница, додадете ја одозгора.
На страна изматете ги јајацата, шеќерот, млекото, ванилата и циметот. Откако убаво ќе се изедначи смесата прелијте ја врз коцките леб и лесно притиснете во вилушка за убаво да се упие.
Печете околу 45 минути на температура од 180°.
Послужете го ладен и уживајте во една поразлична верзија на пудинг!

*Сликата е преземена од: https://afoodcentriclife.com/