Врвните мајстори во кујната велат дека основата на секој сендвич е една од најбитните работи при неговата подготовка, а таа основа секогаш е намазот. Намазот или сосот кој се става како “подлога”на лепчето му го дава тој посебен, суптилен а сепак неизбежен додаток на вкусниот сендвич. Покрај тоа, вкусен намаз намачкан на лепче е брз и хранлив оброк кој сите го сакаат.
Следуваат неколку брзи и лесни рецепти за подготовка на вкусни домашни намази. Потребни ви се само неколку минути и мал број состојки да го добиете совршениот намаз кој ќе го збогати вашето омилено парче леб.
Хумус
Хумусот е еден од оние намази кој сите го сакаат. Вкусен е, лесен за потготовка, богат со протеини и оди одлично со секе лепче. Основата на рецептот е прилично неутрална и може да си играте со зачини и додатоци и со тоа да добиете различни вкусови секој пат кога ќе правите хумус.
Состојки:
- 250гр. наут (сварен или од конзерва) процеден и оладен
- 2 лажици таан (убаво измешан)
- 2 лажици маслиново масло
- Сок од 1 лимон
- 2 чешниња лук
- Сол и бибер
- По желба може да се додаде и црвен пипер, буковец, куркума, кари, чили....
Сите состојки се ставаат во блендер и за неколку минути имате совршен хумус! Доколку смесата ви е многу густа, може да додадете малку од течноста каде што стоел наутот или водата во која се варел.
А ако се чувствувате авантуристички и сакате да експериментирате во кујната, може да додадете и варено цвекло, печена црвена пиперка или спанаќ и да добиете хумус во различни бои. Убавината на хумусот е токму тоа-слободата да додавате што сакате во него, а тој сепак да има прекрасен вкус.
Може да се чува во фрижидер во стаклена, добро затворена тегличка и до една недела....но ретко кога останува неизеден толку долго 😊
Одлично оди со маслинки, сушени или свежи домати и рукола и секако вашето омилено лепче.
Наша препорака е да го пробате хумусот намачкан на лепиња-голема или мала, зависно колку сте гладни :D
Намаз од туна
Состојки:
- 2 конзерви туна убаво исцедени од масло или вода
- Сок од 1 лимон
- 1/2 лажичка копар
- Мала главица кромид
- Сол и бибер по желба
- Малку свеж магоднос
Доколку сакате да добиете покремаст вкус може да додадетеiпола авокадо, голема лажица павлака, рикота сирење или полна лажица мајонез.
Сите состојки, освен магдоносот и кромидот се ставаат во блендер. Кога ќе добиете хомогена смеса ги додавате кромидот и магдоносот исецкани на ситни парчиња, а по желба може да додадете и варена пченка. Промешувате, мачкате на лепче и уживате!
Наш предлог за овој намаз е белиот или викенд лебот сечен на кришки. Намазот сам по себе има многу јак вкус и затоа се препорачува да се јаде со бел леб кој е понеутрален и со својата мека средина одлично ги впива течностите од сосот.
Убаво затворен во стаклена тегличка може да стои во фрижидер до 5 дена.
Добар апетит!
Намаз од грав и ореви
Состојки:
- 250гр. грав сварен или од конзерва. (Бел или црвен-изборот е ваш)
- 50гр. ореви
- 4 чешниња лук
- 2 супени лажици маслиново масло
- Сол и бибер по вкус
- Пола китка магодонос
Сите состојки освен магдоносот ставете ги во блендер. Кога ќе добиете хомогена смеса додадете го магднонсот кој претходно ситно сте го исецкале.
Послужете го намачкано на Премиум Диет 100% ‘ржано лепче и уживајте во прекрасниот вкус.
По желба може да капнете и по некоја капка лимон или да дополните со маслинки.
Убаво затворен во стаклена тегличка може да стои во фрижидер до 5 дена.
Добар апетит!
*Сликата е преземена од: https://www.thepioneerwoman.com/